Предложивме воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава започнувајќи од среда (10.03), напиша министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил.
–Овој предлог е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање. Апелирам на дисциплина којашто во моментов ни е најпотребна затоа што тоа единствениот начин да се спречи неконтролирано ширење на Ковид 19, напиша Филипче.
Дали оваа мерка ќе биде прифатена од страна на Владата останува да се види на нејзина утрешна седница. Но, предлогот предизвика бројни коментари на граѓаните кои сметаат дека ваквото затворање нема да донесе резултати односно е престрого. За кусо време по објавата, на Фејсбук страницата на министерот Филипче имаше ад илјада, главно негативни, коментари на граѓаните.
Тие му порачуваат на министерот дека воведувањето на полициски час од 22 часот нема да има ефект бидејќи угостителските објекти работат до 21 час.
– Воведувањето полициски час во тој термин е ветар во магла кога кафичите и кафаните се затвораат во 21.00 часот. Ако веќе требаат по ригорозни мерки досега требаше да ги воведите со две неделен карантин повеќе од сигурно ефектот ќе беше многу поефикасен.Гледате дека секое олабавување на мерките после недела две ја влошува состојбата, напиша еден граѓанин.
Друг му порачува на министерот да обрне внимание на она што се случува по градот во текот на денот.
-Па и сега без полициски час нема раздвиженост во тие наведени ноќни часови! А преку денот низ маркетите, на пазарите, во кафеаните, рестораните… насекаде врие од народ. А вие полициски час од 22 до 05 ?? Нема логика!, нагласи тој.
Дел од граѓаните му укажуваат на Филипче дека е потребна поголема контрола на почитувањето на мерките преку ден бидејќи короната „не се шири само после 22 часот навечер“. Некои бараат и да се укине носењето на маските на отворено, а други упатуваат и големи критики што се уште нема вакцини.
– Место да предлагаш полициски часови набави вакцини и фатете се за вистинска работа. Прекини да се сликате со 3.000 вакцини, срамота е! Колку сте неспособни тоа е невидено !!!!, потенцира еден граѓанин во својот коментар.