Во полициска акција запленети се 14 килограми опојна дрога хашиш која била наменета за Турција, а приведен е еден албански државјанин, информира денеска МВР.
Акцијата е спроведена вчера од полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за недозволена трговија со дрога во координација со ОВР Струга, Регионалниот центар за гранични работи Исток и Царинската управа. Пресечен е меѓународен канал за транспорт на хашиш од Република Албанија преку Македонија, Бугарија, со крајна дестинација Турција. Освен хашип запленети се и пакувања хашиш смола и хашиш масло.
-По претходно преземени мерки, во 12.45 часот на граничниот премин Деве Баир (на излез од РСМ) извршен е претрес на возило БМВ, управувано од албанскиот државјани Х.Х. (60) при што во два бункера биле пронајдени пакувањата со хашиш. Х.Х. е лишен од слобода и во текот на денот ќе биде предаден на надлежното обвинителство со соодветна кривична пријава. МВР продолжува со интензивните мерки и активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога. Завчера беа запленети над половина тон марихуана,а акциите продолжуваат и во наредениот период, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.