Вицепремиеротза европски прашања Никола Димитров на денешната седница на Националниот совет за европски интеграции на која беа дискутирани заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) усвоени минатиот вторник (14 декември), рече дека евентуално решение со Бугарија мора да биде потврдено и во Собранието.
Димитров истакна дека за надминување на состојбата потребно е обединување и заедничко дејствување за заштита на највисоките национални интереси пред секои други.
-Оваа тема во државава ги надминува интересите на една или на друга влада, на една или на друга опозиција, а со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска влада има проминентно место и собранието, каде што секое евентуално решение ќе оди на дебата и на валидација во парламентот во Софија. А исто така, имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание, каде што се утврдуваат црвените линии за ова прашање од највисок национален интерес, мислам дека има логика и ќе се зголеми легимитетот ако и ние чекор по чекор градиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение што мора да биде европско и мора да биде достоинствено ќе дојде на дебата, на валидација и во македонскиот парламент, нагласи вицепремиерот.