До крајот на неделата од Регулаторна комисија ќе излезе со првична информација за цената на струјата. Но она што е извесно е дека граѓаните се свесни и знаат дека голем дел од товарот ќе падне врз нивниот грб, преку сметките.
Револтот најсилно е изразен на социјалните мрежи. Граѓаните ги критикуваат властите кои ништо не направија за да не дојде до енергетска криза, барајќи да се спречи ценовниот шок за струјата, бидејќи, и онака цените, дури и за најнеопходната храна, станаа големи. Преку групи на социјалните мрежи веќе се потпишуваат петиции за замрзнување на цената на струјата, за да се спречи дополнителниот удар врз граѓаните.
Инаку регулаторите веќе трет ден ги анализираат поднесените барања на енергетските компании за покачување на цената на струјата, како и трошоците прикажани во барањата. Се разгледува секоја ставка одделно, а очекувањата се дека до крајот на оваа недела ќе излезат со првична информација околу приближната цената на струјата и евентуалното покачување во проценти.