Во седиштето на СДСМ попладнево Зоран Заев и официјално му ја предаде лидерската функција на Димитар Ковачевски.
-Да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста, му рекол Заев на Ковачевски, според соопштението од СДСМ.
Ковачевски пак, како што велат од партијата, му се заблагодарил за придонесот во водењето на партијата, но и на Владата во изминатите години.
Димитар Ковачевски на вонредните внатрепартиски избори на 12 декември со 37.649 гласови од членството беше избран за нов претседател на СДСМ, откако Заев по неуспехот на локалните избори поднесе оставка на лидерската позиција и најави дека заминува и од Владата.