Уште една порака испратена синоќа од македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, ги подгрева сомнежите дека Скопје e можно да испорачува на Софија премногу за да го крене ветото за Македонија. Синоќа, во гостување на една од телевизиите Османи рече дека се водела тешка дебата меѓу членките пред да одлучат што ќе и препорачаат на Македонија во врска со датумот:
-Денеска се водела тешка дебата, но направиле компромис да остане барањето. Очекуваме земјава веднаш да ги почне преговорите штом се усвои преговарачката рамка. За првпат Бугарија не можеше да најде вина во Македонија. Во денешната дебата во Брисел немаше прашање по однос на погрешната интерпретација на историјата, туку имаше наметнување од страна на словенечкото претседателство да се одреди рок до крајот на годината, рече Османи.
Што значи тоа дека за прв пат Бугарија не можела да најде вина во Македонија?! Дека барањата и условувањата од Софија се прифатени? Или пак дека Бугарија не очекува толку колку што порано бараше? Оваа изјава на Османи уследи 5 дена после таа на неговиот сопартиец Артан Груби, дека и испратиле на Бугарија одговори на сите нивни барања, па чекале новата влада да се произнесе по нив. Кои се тие одговори? Прашањата си лебдат и никој од високите македонски функционери не ги одговара. Како да не се работи за уште еден удар по македонскиот идентитет, туку како да станува збор за некаква ситна трговска размена.
Дотолку повеќе што Османи, во својот настап вчера, го искара новиот бугарски премиер дека најавата од 6 месеци за решавање на проблемот била предолга.
-Бугарија има право на вето, а во однос на ставот на новиот бугарски премиер Кирил Петков, спорна е временската рамка. Шест месеци е предолг период во контекст во кој се наоѓа регионот. Има многу отворени прашања. Сметам дека тој период не ни одговара. Треба да седнеме со Петков и да разговараме што значи тој период. Нема потреба целиот регион да се држи во заложништво, изјави Османи.
Време е Османи, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров и преговарачот Владо Бучковски да ја известат јавноста во детали што се случува. А потоа без брзање да се вклучи во сето ова и опозицијата и да се мисли на македонските црвени линии кои заеднички ги изгласаа во собранието.