За само последните 6 дена македонската полиција успеала да открие и пресече три криминални канали за шверц на марихуана. Запленети се околу 450 килограми. На 9 декември на скопското подрачје биле запленети 200 килограми поради што се приведени шест лица од Македонија и Косово, ден подоцна на автопатот Скопје – Велес кај двајца скопјани се пронајдени 150 килограми, а вчера во охридско е пресечен меѓународен канал од Албанија преку кој се пренесувале над 100 килограми марихуана…
Ова се само најнови акции кои се надоврзуваат на оние од минатите месеци и со што запленетите количества се уште поголеми.
Сето ова е само нов доказ дека Македонија се уште е важна и многу прометна крстосница, но и дестинација за криминална трговија со оваа и други опојни дроги. Така беше во изминативе децении а сега, очигледно, криминалот уште повеќе се интензивира. Не треба да се имаат дилеми дека полицијата со своите акции успева да открие само дел од онаа дрога која што се внесува или, пак, одгледува во нашата земја. Тоа дека дрогите, посебно марихуана, се присутни кај нас покажуваат и акциите по Скопје и други градови во кои редовно се откриваат нејзини ситни препродавачи на разни локации – Градски парк, Бит-пазар, концерти на музички групи…
Се гледа дека се работи за мошне разработена мрежа која уште функционира. Од таа причина, полициските акции треба и натаму да се интензивираат за да криминалците почнат да ја одбегнуваат Македонија како подрачје. Може ли тоа полицијата да го постигне?