Повеќе од една четвртина од дивите депонии кои во текот на кампањата за локални избори беа евидентирани на скопското подрачје веќе се расчистени, нивните локациите ќе се оградуваат, а ќе се казнуваат несовесните граѓани кои ќе продолжат да фрлаат смет. Ова синоќа го најави скопската градоначалничка Данела Арсовска.
– Во текот на кампањата детектирани беа над 120 диви депонии во Скопје. Сега до овој момент имаме исчистено над 30 и тоа целосно, а во истата фаза поставуваме заштита во зависност дали е имотот на државата или приватни сопственици, истото да се заштити за да не фрлаат повеќе. И тоа е еден од чекорите, а потоа и службите ќе започнат со казнување со големи глоби, изјави Арсовска.
Таа истакна дека има еден сеопфатен систем, дел депонии се санирани, а дел исчистени целосно.
– Она кое ќе го отпочнеме се строги казни со илјадници евра и никој нема да биде поштеден доколку го загрозува здравјето и животот на скопјани. Исто така, ќе се стави во употреба и дрон кој ќе детектира депонии, дополни Арсовска.
За колку време ќе бидат исчистени и преостанатите депонии не беше кажано.