Најмалото родено бебе во Северна Македонија е во 23-та гестациска недела, предвреме родените бебиња претставуваат 25 проценти од вкупниот број на раѓање во нашата земја, а смртноста од 2016 година, кога беше 25 проценти, сега е 8,9 отсто.
Tие традиционално се раѓаат на Клиниката за гинекологија и болницата во Чаир, а Интензивната нега на Клиниката за гинекологија и Клиниката за педијатрија се двете институции каде после раѓањето се третираат овие бебиња.
Според министерот за здравство Венко Филипче ние сме единствена земја во светот која што има значајно намалување на вкупната смртност на родените бебиња, односно, споредувајќи со 2015/2016 година бројката е преполовена и за неонаталната и за доенечката смртност.
Најмало предвремено родено бебе во државава е во 23 гестациска недела, но има и помали бебиња во однос на тежина, како на пример едно родено во 24 гестациска недела со родилна тежина од 480 грама.
Одговарајќи на новинарско прашање дали предвреме родените бебиња во подоцнежна возраст се соочуваат со предизвици и компликации по нивниот раст и развој, директорката на Детската Клиника Аспазија Софијанова вели дека до сега само 25 проценти имаат потешкотии.
Денеска се одбележува Меѓународниот ден на превремено родените деца, чија традицонална боја е виолетовата.