Состојбата со корона вирусот во училиштата е стабилна и сѐ додека е така останува наставата со физичко присуство. Доколку има каква е да е промена или загрозување, тогаш во координација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство ќе имплементираме други сценарија, изјави денеска министерката Мила Царовска.
Од почетокот на учебната година до денеска, како што кажа, нема надминување на 0,3 проценти позитивни и активни ученици во основно и средно образование, а на дневно ниво нема надминување на 0,03, односно процентот се движи од 0,01 до 0,03.
Проценката на Министерството за здравство, како што рече Царовска, покажало контрола на епидемијата во училиштата, што, според неа, укажува дека мерките се почитуваат и протоколите се добро дизајнирани и добро се спроведуваат.
Во однос на барањето од Прогресивниот синдикат за образование при ССМ за да им се дозволи на наставниците на наставничките совети сами да може да одлучуваат за моделот на настава – физичко присуство или онлајн од 1 декември до 31 март, поради сезоната на грип, состојбата со Ковид-19, Царовска одговори дека поради стабилната состојба со коронавирус во најдобар интерес на учениците е училиштата да останат отворени.