АД ЕСМ вечерва ги демантира написите во дел од медиумите за наводна експлозија во ХЕЦ „Вруток“. Од ЕСМ велат дека имало краток, петнаесетминутен прекин во работата на хидроцентралата, поради осигурувач на вод кон гостиварските села.
-Вакви и слични појави во работата на инсталациите се случуваат многу често и не се никаква непознаница. Заради тоа, ги оценуваме како тенденциозни написите за експлозија во ХЕЦ Вруток објавени во медиумите, без претходно да се провери информацијата, повикувајќи се на неименувани извори. Објавувањето на непроверени и лажни информации го доживуваме како атак врз компанијата кој не е полза ниту на АД ЕСМ, ниту на јавноста, велат од ЕСМ.
Хидроелектраната и целиот Хидросистем Маврово продолжуваат да работат најнормално.
Реакцијата на ЕСМ е откако некои медиуми објавија дека во ХЕЦ „Вруток“ дошло до експлозија и дека поради тоа не се произведува струја.