Здравствените власти веќе извесно време го најавуваат новиот бран на вирусот кој ќе се разлеел низ Македонија. Затоа министерот Филипче денеска кажа дека ќе има нови, поостри, мерки. Главното е дека се се базира на вакцинирање на населението и проверки. Од вработените во јавниот сектор ќе се бара да се вакцинирани најмалку со една доза вакцини или да имаат негативен пцр-тест или прележана болест.
-Не можеме сите болници да ги претвориме во ковид центри, има пациенти кои имаат потреба и од други здравствени услуги. Мораме да преземеме мерки, со цел повеќе граѓани да се вакцинираат, со оглед на тоа што 80 проценти од хоспитализираните се невакцинирани, рече министерот.
Значи мерките се за да не се дозволи претрупување на болниците. Добро. Но, кога се во прашање болниците и нивните капацитети министерот Филипче требаше и да објасни што до сега е направено околу нивно засилување, подобрување и зголемување на капацитетите. Треба да каже колку нови болнички одделенија, соби и кревети се отворени и додадени за да се намали можноста од пренатрупаност во медицинските установи. Пандемијата трае долго, имаше време многу да се стори.
Да, до сега проширување на капацитетите беше направено со модуларните болници. Сега тие дали се посредени откако ја видовме тетовската трагедија со многу изгорени пациенти?
За другите медицински центри одамна не се слушна ништо дека е направено, доградено, проширено. Изградбата на новиот Клинички центар веќе и не се споменува со оглед на настаната ситуација во македонскиот парламент.
Излегува дека единствениот рецепт се бара во заострувањето на мерките со кои граѓаните ќе се принудуваат да се вакцинираат. Средувањето на болниците и нивното доекипирање ќе почека?
Потребата од подобро лекување на пациентите од вирусот некако се става на страна. Што се прави лекувањето на потешките пациенти да биде подобрено? Впрочем и вакцинирани завршуваат во болниците.