Ниту претседателот Стево Пендаровски не е информиран за оставката на премиерот Зоран Заев, кој тоа го соопшти доцна синоќа, а што повлекува оставка на цела Влада.
-Претседателот официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието. Притоа претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите 3 децении, велат од кабинетот на Пендаровски.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска рече дека досега до нив не е стигната оставката од премиерот Заев. На денешната координатива средба воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по синоќешната изјава на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција.
Премиерот Зоран Заев и претседател на владејачката СДСМ вчера по поразот што го претрпе партијата на локалните избори на завршната прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од двете функции.
За дозна попладнево во Владата е закажана средба на Заев со коалициските партнери.