Локалните избори завршија. Сега почнува анализата во партиите на пораките кои им ги пратија гласачите. Што ли ќе заклучат аналитичарите во се уште владејачката партија СДСМ? Што придонесе за нивниот дебакл на локалните избори?
Слабото работење на нивните градоначалници кои имаа мандат до вчера е сигурно една од причините за големиот пораз. Но, дали во поразот удел имаше и црната кампања која беше водена против опозициски кандидати, особено по првиот изборен круг?
На удар посебно беше независната кандидатка Данела Арсовска. Јавноста можеше да ги види сите технички како се започнува и како кулминира една црна кампања: од пуштање на гласини на социјалните мрежи дека е муслиманка, па преку објавување на наводниот долг за неплатена електрична енергија за закуп на спортската сала Расадник, па дека го менувала името па еднаш била Даниела, а другпат Данела, па на крајот и самата СДСМ на пресови да кажува дека противкандидатката лаже и дека имала бугарско државјанство и лична карта…
Се помалку се зборуваше за своите визии, планови и направени работи во Скопје, се повеќе се глаголеше за другите дека се лоши, зло…
Се појавија и плакати врз плакатите на противкандидатот, со монтирани летоци да се дискредитира противкандидатот – да се збунат гласачите, нарачани „аналитичари“ да објаснуваат… сето тоа може го правеа и симпатизери на владеачката партија без наредба од централата, но… кај мноштвото македонски граѓани ваквата црна кампања не вроди со посакуваниот ефект. Напротив, резултира со контра-ефект.
Излезе дека црната кампања црно се удри на СДСМ. Во партијата сигурно ќе треба и да се запрашаат зошто и кој барал – советувал да се посегне по такво нешто. Ако СДСМ сака пак да биде партија од доверба овие „советници“ треба да бидат советувани да си заминат.
На социјалдемократите им требаат советници кои ќе ги подучат дека нивните функционери само треба да си ја вршат работата и да го спроведат ветеното. Потоа успехот сам ќе си дојде на изборите.
Ќе извлечат ли поука?