Директор во јавно претпријатие самиот се вработил во истото ЈП. Ваков случај денеска разгледуваше Државната комисија за спречување на корупцијата на седница.
ДКСК по разгледување на документите кои им се доставени и, како што рече Катица Николовска, член на Антикорупција, која го образложи овој предмет, недвосмислено упатуваат на планирано сценарио, но и одредбите од Законот за спречување на корупција, директно ги поврзува како злоупотреба на службена положба за остварување корист за себе или за друг.
Директорот на Јавно претпријатие користејќи ја својата положба како директор, обезбедувал услови преку јавен објавување оглас за вработување на стручно лице во јавната администрација на ЈП, односно си обезбедил работно место за себе во истата институција, на кое би се вратил после завршувањето на неговиот мандат како директор.
Целата постапка била следна: директорот на ЈП дава оставка од функцијата директор, се бира в.д директор, па понатаму оди конкурс за избор на јавни службеници, па после повторно оди конкурс за избор на директор.
По завршување на постапката за избор на јавен службеник, се објавува конкурс за избор повторно на директор на ЈП, бидејќи в.д. е најмногу шест месеци. И сето тоа е во ред, доколку стариот директор, ко сега е јавен службеник, не се јави како единствен кандидат за директор и градоначалникот го бира него повторно за директор на ЈП.
– Сето тоа е регистрирано во Агенција за вработување, актите се донесени, в.д. директорот повторно се вратил во редот на вработените во ЈП и што би рекле и волкот сит и овците на број, така што актуелниот директор кога ќе му престане мандатот, има можност да си се врати како редовен вработен во јавната админситрација на ЈП, појасни Николовска.
Антикорупција ќе покрене иницијатива за кривична одговорност пред Јавното обвинителство за повреда на член 353 од Кривичниот законик, односно иницијатива за утврдување одговорност. Пред новиот градоначалник и на новиот Совет на општината ќе достави иницијатива за одговорност на директорот и на в.д. директорот на Јавното претпријатие.