Градоначалникот на Аеродром, Златко Марин се појави во јавност, но повторно на фотографија, вчера кога на гости му дошол Раководителот на Секторот за економски прашања, зајакнување на институциите и прекугранична соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Фредерик Јанмат. Си зборувале за проектите за субвенционирање на велосипедизмот од страна на општината, но и за други проекти.
Вложувањето и стимулацијата на здрави навики кај аеродромци е за поздрав, но жителите на оваа населба имаат многу повеќе проблеми и прашања кои сакаат да му ги предочат на Марин, но ниту ги прима во својот кабинет, ниту пак организира некакви јавни средби со нив.
-Зошто голф-парк му треба баш сега на Аеродром, покрај толку нерешени проблеми? Зарем парите за голф-парк и скапиот инвентар во општината, за што опозицијата обелодени информации – а Марин не демантираше, се приоритет во време на пандемија?
-Зарем не требаше да се направи анализа колку таблети или компјутери можеа да се набават со тие пари?
-Зарем нема семејства во Аеродром на кои им треба парична помош, кров на глава, зарем толку им е се решено на аеродромци и остана уште само голф- парк?
-До кога ќе растат згради наместо дрва во Аеродром?
Ова се само дел од прашањата што ги читаме секојдневно на фејсбук – страната на општината. Се срами ли од себе или пак не се ни грижи за мислењето на граѓаните,како и да е Марин го нема да им даде отчет. А жителите сакаат соочување. Ќе се појави ли пред аеродромци барем пред истекот на мандатот? – Остануваат уште само 4 месеци за да видиме.