Иако се смета за национален симбол и се наоѓа на монетите, балканскиот рис освен декларативно, всушност, не се штити од страна на државата. За да постигнеме заштита, потребно е да се заштитат подрачјата во кои живее, се движи и се размножува, со фокус на Националниот парк „Маврово, кој за жал, сè уште не е репрогласен и нема закон, а со тоа нема ни мерки за заштита и план за управување.
Балканскиот рис е критично загрозен затоа под итно треба да се преземат мерки за да се заштити доколку сакаме да опстои во Македонија.
Тој се наоѓа на „црвената листа“ и според последните истражувања, иако има мал пораст на неговата популација, ризиците за неговото преживување остануваат големи.
– Фактот што државата не одвојува финансии за нашите заштитени подрачја при што истите се приморани приходите да ги остваруваат со сеча на шумата е алармантно и неприфатливо, вели Ана Чоловиќ-Лешоска, координаторка за политики во Светскиот фонд за природата (ВВФ) и извршна директорка на „Екосвест“, по повод Светскиот ден на заштита на рисот.
Според „црвената листа“, балканскиот рис е распространет во западните делови на земјата, по границата со Албанија. Опсегот на распространување му се движи од Шар Планина, на северозапад, па сè до Националниот парк „Галичица“, на југозапад. Живеалиштата се во листопадни и фрагментирани шуми, како и шибјаци.
Во летниот период повремено се движи и по високопланинските пасишта. Тој се храни најмногу со срни, поретко со диви зајаци, дивокози, куни и лисици, а понекогаш и со диви свињи.
Заканите за рисот се многубројни, а вклучуваат криволов, вознемирување од страна на луѓето, изградба на голема инфраструктура и туристички центри, загуба на живеалиштата поради прекумерна и непланска сеча на шумите и фрагментација на истите, како и загуба на пленот на рисот, како последица на горенаведените појави.