Екс-генералниот секретар на Владата Драги Рашковски кој веќе месец дена е во притвор во Шутка, оди во куќен притвор, одлучи Апелацискиот суд во Скопје.
Одлуката е донесена на денешната седница, без воопшто да се разгледа гаранцијата која ја понудил Рашковски од половина милион евра.
Вишото јавно обвинителство кое претходно се согласи Рашковски да излезе од притворот во Шутка о оваа парична гаранција, сега се согласило за поблага мерка за Рашковски и без тоа.
Рашковски е во притвор од крајот на април, кога Кривичниот совет, по барање на јавниот обвинител Ивана Трајчева, ја преиначи одлуката и од куќен пртивор го спроведе во затворот во „Шутка“.
Заедно со него, во притвор е и сопственикот на „Инвока груп“, фирма од која биле набавувани софтверите за што се товарат обајцата.
Една од причините за Рашковски да добие притвор во Шутка беше и патувањето во Мексико, а поради неговата имотна состојба, сомневањата беа дека е можно да избега. Втората причина е влијанието врз сведоци, за што, Трајчева тврди дека Рашковски веќе се обидел да го направи.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, веќе поднесоа и жалба на одлуката за куќен притвор, но до овој момент, нема одлука од Кривичниот совет.
Рашковски се гони дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот, а како изумител на софтверот се јавува самиот тој. Обвинителството вели дека Рашковски дал и насоки како да се изготви техничката спецификација на јавната набавка.
Покрај тоа што никој не се запраша од каде му на Рашковски толку голема сума (парична ил имотна) гаранција, сега тој излегува од ефективен притвор и без гаранција. Она што недостасува е објаснувањеето, како за еден месец, исчезнаа сите причини поради кои Рашковски од куќен беше ставен во притвор во Шутка.