Градот Скопје преку ЈП „Улици и патишта“ започнува со реконструкција на патеките во таканаречениот нов дел од паркот.
Градскиот парк е направен во 1930 година, а овој дел е изграден во 1970 година, и од тогаш немаме никаква сериозна интервенција во овој дел од паркот.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов признава дека патеките се сериозно руинирани и небезбедни за граѓаните.
Колку треба за овој дел од градот кој е еден од најпосетените во потоплите денови, да изгледа добро и безбедно?
Според она што денеска го објави Шилегов се работи за инвестиција од 20 милиони денари за површина од 20 илјади квадратни метри, што може да се среди за 35 до 40 дена.
Освен патеките, ќе се сменат и канделабрите, ќе се постават нови клупи и канти за отпад, а кон средината на јули овој дел од паркот ќе добие целосно нов изглед.