Бугарија планира да донира до 150.000 вакцини „Астра Зенека“ на државите од Западен Балкан, изјави денеска бугарскиот технички министер за здравство Стојчо Кацаров.
Тој соопшти дека барања за вакцини добиле од Македонија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, но поради комплицираната процедура им било потребно време додека донесат одлука.
Бугарија има предност како земја-членка на ЕУ да располага со огромна количина од сите вакцини, а според Кацаров имаат доволно вакцини за исполнување на своите потреби со 13 или 14 милиони вакцини до крајот на годината.
Нашата земја многу подоцна од некои земји во регионот ја започна масовната вакцинација, поради што според некои проценки, повеќе од 15.000 наши државјани се вакцинираа во Србија, каде главно ја примија вакцината „Астра Зенека“ за која кај нас има возрасна граница за оние кои би ја примиле – над 60 години.
Поради тоа, прашањето е дали ќе има лица кај нас кои би се ваккцинирале со донацијата од Бугарија, ако се има предвид дека според вчерашната статистика 47 % од населението над 70 години и 41% над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.