На вакциналните пунктови во Maкедонија вчера биле вакцинирани 15.756 граѓани. Од нив прва доза примиле 2.067, додека останатите се ревакцинирале.
Овој податок кој е официјален од Министерството за здравство доволно говори дека во државата нема вакцини, ако се има предвид дека во истото соопштение се вели дека на сајтот за пријавување има 437.339 пријавени.
Дека залихите од вакцини речиси се исцрпени потврди и самиот министер за здравство Венко Филипче на почетокот на неделава, кога одговарајќи на новинарско прашање потврди дека не се стигнати ветените дози од руската вакцина Спутник В.
Тогаш Филипче најави дека ќе побараат објаснување од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје зошто доцнат.
Филипче не верува дека доцнењето е од политички причини со оглед на протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, но освен дека разговарал со рускиот амбасадор во земјава, не кажа дали ќе стигнат вакцините и евентуално кога.
И покрај ваквата состојба, министерот оптимистички тврди дека процесот на вакцинација нема да запре, образложувајќи дека вакцини чекаме од Бугарија и Грција (50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција), 190.000 дози „Фајзер“ (преку ЕУ и од директниот договор со компанијата) најавени за овој месец и како што најави денеска 500.000 дози од кинеската Синовак, кои доаѓаат во следните седум дена.
Во меѓувреме, главен акцент е ставен на тнр. ковид – пропусници (или пасоши) кои се неопходност ако некој сака да патува преку граница.
Последната информација од вчера е дека и ние стануваме дел од платформата „Комон пас“ (CommonPass) на мрежата „Комон траст“ и Светскиот економски форум за заемно признавање на вакциналните потврди и лабораториски тестови за ковид-19 меѓу 19 држави.
За граѓаните тоа ќе значи дека тие со ’CommonPass‘ се преземаат резултатите од направениот ковид-19 тест и вакцинална потврда, и ќе можат да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации“.
Ако се има предвид актуелната состојба во државата со вкупно целосно вакцинирани 121.342 граѓани, со ковид – пасошите ова лето ќе можат да патуваат само овие околу 6 отсто и уште некој незначителен број на оние кои ќе можат да одвојат пари за ПЦР тестови.