Поголемо присуство на полицијата на терен, почести патроли за да се стави крај на трките со мотори по „Партизанска“ и поставување семафор кај трговскиот центар Антико.
Оваа го побарал градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев од неговиот сопартиец, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска дојде во посета на полициската станица во оваа општина.
Спасовски денеска само вети дека ќе се направат напори во наредниот период да се воспостават велосипедски патроли на територијата на општината, по примерот на Центар, Охрид и Прилеп.
Посетата на Спасовски на Карпош денеска беше повеќе промотивна – предаде два мопеди за работа на терен на полициските службеници.
Јасно е дека со оваа „поддршка“ за полицајците од оваа општина тешко дека ќе се реши еден од најголемите проблеми за кој реагираат жителите – моторџиските дивеења по булеварот кои се случуваат во доцните вечерни до раните утрински часови, а кои и по толку години се уште не е најдено решение.