Поразувачки слики и впечатоци за состојбата на споменик на природата Арборетумот во општина Гази Баба, објави еколошка организација „О2 иницијатива“. Овој природен комплекс, оформен во 1953 година од страна на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје за научни истражувања и настава во природа за студентите, сега е оставен да пропаѓа.
–Состојбата што ние ја видовме е очајна, од прекрасна природа, исполнета со црцор на птици до остатоци од некогашните објекти, кои се уништуваат и разграбуваат, расфрлен градежен шут и мирис на стока од диво направено трло за овци на самиот влез во Арборетумот. Ретки дрвја и бабмус се сечат затоа што нема никој да го заштити ова ретко природно богаство кое го имаме во близина на главниот град на државата, се наведува во објавата на О2 Иницијатива на нивната Фејсбук-страница.
Арборетумот е лоциран е во Скопската Котлина, во атарот на село Трубарево и зафаќа површина 3 хектари. Во него биле засадени дрвенести и грмушести видови од нашата автохтона дендрофлора и видови од сите континенти, посебно од Европа, Азија и Северна Америка. Вкупниот број на дрвенестите и грмушестите видови во Арборетумот изнесуваше околу 600 вида.

Во објавата се наведува дека пред 4.5 години Министерство за образование и наука ги повлекло средствата за одржување, а УКИМ и Шумарски факултет во Скопје нема средства да го одржува и оставено е да пропаѓа и се разграба.
– Чуму прогласување на споменици на природата кога нема кој да се грижи за нив? Состојбата и со Острово и со Езерце, уникатни екосистеми е поразителна. Ѓубре, градежен шут, истурање на отпадни води во нив. Како споменик на целата наша државна негрижа за вистинските вредности останала да сведочи таблата за „Споменикот на природата на РМ“, потенцираат од О2 Иницијатива.