Македонија нема да се задоволи само со пласман на Европското првенство, ќе дадеме се од себе да ја поминеме и групната фаза, изјави денеска македонскиот фудбалски селектор Игор Ангеловски. Тој го објави списокот на фудбалери кои ќе ги понесе на Европското првенство, а на прес-конференција ги кажа и размислувањата за историското учество на Македонија на големите натпреварувања.
–Овие фудбалери многупати ја направија Македонија гордa, од пласманот на Европското првенство и со сите мечеви во последно време. Ветувам дека јас и сите играчи ќе направиме сѐ што можеме за повторно да го направиме народот горд. Свесни сме со каков квалитет располагаме, знаеме што играме, знаеме колку е квалитетно Европското првенство. Целта која си ја поставив е да се бориме за пласман во следната фаза, верувам дека ќе можеме тоа да го направиме. Среќен сум што како Македонец ќе ја водам Македонија на Европското првенство, потенцира Ангеловски.
Тој ги избра 26-те патници за ЕП кое нашата селекција ќе го стартува со два меча во Букурешт. Ангеловски кажа дека и тројцата младинци се најдоа во официјалниот список. Милан Ристовски, Ристо Јанков и Дарко Чурлинов добија шанса да бидат дел од најсилната репрезентација, која секако е составена од фудбалерите кои обезбедија историски пласман на еден континентален турнир.
Според него составот на групата со Австрија, Украина и Холандија дава можност да ја оствариме целта, да се пласираме во следната фаза.
–Но за да го направиме тоа ќе мора да одиграме на највисоко ниво, рече тој.
Првиот собир на репрезентативците е закажан за 25-ти мај, а потоа ќе бидат одиграни два пријателски натпервари, еден против Словенија на 1-ви јуни и потоа со Казахстан на 4-ти јуни.