До прекин на состанокот на лидерите на земјите – членки на Еу дошло откако австрискиот канцелар Себастијан Курц побарал дополнителни дози на вакцини за неговата земја, објавува познатиот весник „Фајненшл тајмс“. Лидерите на Унијата одржуваа виртуелен состанок на разговарале за дистрибуција на вакцините во ситуација кога кај повеќе земји има незадоволство од начинот на дистрибуцијата.
Меѓу земјите кои ја одбиле Австрија била и Германија, односно германската канцеларка Ангела Меркел, пишуваат агенциите.
Курц сакаше да осигури дека Австрија ќе стане дел од група на земји на ЕУ, на кои ќе им се дадат дополнителни дози на вакцина, откако се појави недостиг поради проблеми со „АстраЗенека“. Но, неговите барања за дополнителни дози, кои подоцна ќе бидат дистрибуирани помеѓу Австрија, Чешка и Хрватска, биле отфрлени од лидерите на ЕУ, ставајќи ја под знак прашалник потребата на Виена за вакцини пред погодените земји во Источна Европа кои заостануваат зад останатиот европски блок .
Холандскиот премиер Марк Руте кажал дека Австрија „не е во полоша состојба“ во однос на вакцините и дека блокот треба да размисли да им даде приоритет на Бугарија, Хрватска и Латвија. Овие три земји, пишува ФТ, постојано заостануваат од просечната стапка на вакцинација во ЕУ по недостиг поради доцнење во испораката на вакцината од „АстраЗенека“.
Ангела Меркел изјави дека е фрустрирана што Австријците ги критикуваат правилата на ЕУ, пренесуваат европските агенции. Таа на самитот кажала дека „договорите за вакцини биле потпишани од земјите-членки, а не од некои глупави бирократи“.