По подолго време во државата се врати полицискиот час. Од вечерва во 22 до 5 часот наутро на сила е забрана за движење за сите оние кои немаат неопходна потреба.
Она што може да се забележи низ центарот на Скопје вечерва непосредно по почнување на полицискиот час е празно и тивко. Само по некој автомобил одвреме навреме мнува низ главната улица, додека на плоштадот сликата е како од хорор-филм.
Пусто е и по главната пешачка улица „Македонија“. Единствено се отворени дежурните аптеки.

– Оваа е мерка никој не ја посакува, но е неопходна ако сакаме да го прекинеме ланецот на ширење на вирусот и токму заради тоа мораме сите да се придржуваме кон неа. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, заеднички да придонесеме во наредните денови да имаме намалување на ширењето на вирусот, стабилизација на состојбата и зачувување на здравствениот систем, изјави вечерва министерот за внарешни работи Оливер Спасовски.
Според одлуката, полицискиот час ќе биде на сила до 22 март.