Нови девет лица се обвинети поради употреба на фалсификувани ПЦР тестови на скопскиот аеродром, соопшти денеска ОЈО Скопје. Овие случаи се надворзуваат на неколкуте претходно во кои, исто така, патниците се обидувале на незаконски начин да излезат од Македонија.
На граничниот премин на Меѓународниот аеродром Скопје тие прикажувале како вистински – лажни потврди за негативни ПЦР тестови за САРС-ЦоВ-2 вирусот, кои наводно биле издадени од лаборатории во Скопје.
-На странските државјани, врз основа на признание на вина, Основниот кривичен суд Скопје веќе им изрече пресуда со која ги огласи за виновни и им изрече условна осуда – казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од три години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Исто така, изречена им е и казна протерување на странец од земјата во траење од пет години, посочуваат од ОЈО.