Dark Mode Light Mode

Претседателот на МАНУ: Односот на политичарите кон образованието е деструктивен и понижувачки

Начинот на кој се прават реформите во образованието уште еднаш покажува дека односот на политичарите спрема образованието, што не е првпат, не е само несериозен туку деструктивен и понижувачки, смета Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Ваквиот став тој го искажал во вчерашното обраќање на годишното собрание на МАНУ (кое го пренесува порталот на весникот „Нова Македонија“) во кое зборувал и за состојбите со пандемијата и глобалниот поредок, предизвиците за Македонија, договорите со Грција и со Бугарија, улогата на МАНУ и други теми.

Претседателот на МАНУ посебно се задржал на реформите во образованието при што потенцира дека односот на креаторите бил сосема неадекватен.

-Во врска со реформите на образованието во Македонија и односот на носителите и креаторите на политики спрема науката, уметноста и образованието, за жал, кажано со умерени зборови, тој однос е игнорантен, арогантен и непрофесионален. Прво, во ноември 2020 се спроведува, преку прашалник, истражување за состојбите во образованието. Резултатите покажуваат дека (дел од) наставниците се согласуваат дека се потребни реформи. Но тоа се очекувани резултати – за потребата од реформи во образованието има поширок општествен консензус. Клучното прашање е: какви реформи? Второ, на 23 декември, се постави на веб-страницата на МОН новата „концепција“ за основното образование, со напомена дека коментарите, предлозите и сугестиите се очекува да бидат доставени најдоцна до 20 јануари 2021 година. Трето, во јануари, пред да истече рокот 20 јануари, ресорната министерка препорачува „сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација“. Ова покажува дека вистинска јавна расправа по концепцијата никогаш и не се планирала. Така, фактот дека реформите во образованието, кои се прават во што е можно покус рок, нетранспарентно, без вистинска јавна дебата, како и без вклучување на клучните релевантни научни и наставни институции во земјава, кои, во меѓувреме, сите, се изјаснија против оваа концепција, уште еднаш покажува дека односот на политичарите спрема образованието, што не е првпат, не е само несериозен туку деструктивен и понижувачки, нагласил Коцарев.

Реклама

Тој додал дека во една од најсиромашните држави во Европа се предлага концепција којашто не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги и најнапредните образовни земји во светот. Коцарев објаснил дека според концепцијата, во основното образование треба да не се изучуваат посебно предметите Физика, Хемија и Биологија.

-Природните науки се основа за применетите науки, кои, пак, се фундаменти на континуираниот, инклузивен и одржлив економски раст во која било држава, па, така, и во Македонија. Така, во една од најсиромашните држави во Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителите е многу низок, се предлага концепција што можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител, истакнал во обраќањето претседателот на МАНУ.

Коцарев обаснил и тоа дека однесувањето на ресорното министерство во врска со реформите во образованието го асоцирало на на решението што било предложено во 1930-тите години во Советскиот Сојуз.

-Директорот на центарот за генетика, Лисенко, од советските медиуми величан како гениј, предложил ваков излез на кризата во советското земјоделство: поради својата вродена итроштина и интелигенција, селаните сами ќе доаѓаат до најдобрите резултати во земјоделството! Во име на оваа „наука“, биле избркани биолозите и агрономите, а неговата „наука“ набрзо се претворила во хистерично владино барање за земјоделско самоснаоѓање околу посевите. Така, во 21 век, во време кога се планираат првите населби на Марс, во име на нешто што се нарекува концепција, а сигурно не е концепција, избркани се сите клучни релевантни научни и наставни институции во земјава од цивилизациската придобивка: дијалогот. Пристапот на Лисенко е познат како лисенкоизмот. Со други зборови, во 21 век, во Македонија лисенкоизмот стана водечки пристап во „решавање“ на образовните проблеми, укажа првиот човек на МАНУ.

Тој воедно зборувал и за губењето на некои права на македонскиот народ:

-Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално право на македонскиот народ. Парадоксално и жално, некои од овие права ги загубивме во потрагата по античкото минато, додека се чини дека сите тие права ќе ги загубиме, наскоро, во името на европската иднина. Се плашам дека, како и многупати досега, она што сега се прави, за потребите на македонскиот внатрешнополитички амбиент, е наоѓање рамка што ќе создаде привид дека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени, засегнати. Затоа, повикувам 2021 да биде година во која еднаш засекогаш ќе се договориме, со акламација, и тоа е услов за влез во ЕУ, дека македонското име, јазик, идентитет, историја имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија, потенцирал Коцарев.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Бројот за новозаразени и на починати во 24 часа константен: 8 починати и 373 нови случаи со ковид-19

Next Post

Над 19.000 граѓани останале без работа за време на пандемијата

Реклама