Дивоградбата кај Мавровка уште е тема во Скопје. Всушност сега (по рушењето на првичниот објект) таа најверојатно и не е дивоградба туку на терен се работи по пропис. Градењето на местото на урната бетонска конструкција кај ТЦ „Мавровка“ стигна до поставување на кров. Мајстори секојдневно работат местејќи ги, овој пат, металните конструкции. Сопственикот се изјасни дека нема да ја тужи државата што му ја урна претходната- дивоградба, а за обвинението против него рече се грижат неговите адвокати.
Ваквиот смирен однос кон целиот случај, ја збунува јавноста, која очекува епилог односно одговорност од сопственикот.
-Зошто мора медиумски притисок за институциите да си ја вршат работата?
-Ќе одговара ли газдата на поранешна „Фонтана“? Прашувам заради фразата „владеење на правото“ – човекот никна бетонска конструкција, па му ја урнавте, сега пак си гради без мака- брзо и експресно: се прашувам дали е веќе однапред договорена казната или ќе му се суди според закон? – коментираат скопјани за споделените информации во врска со градбата.
Инаку според обвинението поднесено на 28 јануари, сопственикот се обвинува за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.
-Обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган, соопштува ОЈО.
Член 244, став 1 предвидува „Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години“.
ОЈО соопшти дека на обвинетиот претходно му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и повремено јавување кај службено лице во Основниот кривичен суд. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги продолжи ваквите мерки спрема обвинетиот со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката.