Наум Стоилковски и Димче Арсовски, портпароли на ВМРО-ДПМНЕ денеска со изјави во јавноста бараат повеќе да не бидат предлози за членови на управни одбори на скопски јавни претпријатија.
-Донесов одлука да се заблагодарам за довербата и честа да бидам предложен за Член на УО на ЈСП и да побарам да бидам исклучен од листата. Истовремено, оставам аманет на оние коишто ќе бидат избрани, да не го премолчат криминалот, како и да поведат сметка за претпријатието- симбол на Скопје!, напиша Стоилковски на Фејсбук.
Истото, но преку партиско соопштение го кажа и Арсовски, кој се откажа од тоа да биде член на УО на „Водовод и канализација“-Скопје.
-Гледајќи ја целата оваа паника, страв и оцрнување на моето име на социјалните мрежи од партиските апаратчици и оние поддржувачи, а дел и креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО, од едноставна причина, што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство, но и ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откако се на функциите ,се вели во писмената изјава на Арсовски.
Врз основа на предлог-одлуките кои ги добиле советниците во Град Скопје, а кои се однесуваат на именување на членови на управни и надзорни одбори на повеќе јавни претпријатија во Скопје, се и имињата на тројцата портпароли на опозициската партија: Стоилковски, Арсовски и Марија Митева. За нив ќе се гласа на седницата в среда.