Од 6 август заклучно со вчерашниот ден на територија на државата вкупно 66.857 граѓани се позитивни на ковид-19.
Од нив 33 проценти биле целосно вакцинирани, односно 21.806 лица, додека 45.051, граѓани, односно 67 отсто од позитивните не биле вакцинирани.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Од Министерството соопштија дека е голем бројот на хоспитализирани невакцинирани граѓани, 85 отсто, додека 15 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
И смртноста кај невакцинираните е поголема, покажува анализата на Министерството за здравство.
Во период од 6 август до 23 декември на територија на државата починале 2.362 лица со ковид-19, од кои 1.850 пациенти не биле вакцинирани, а 21 процент примиле вакцина.
Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“.