Тезите дека спроведуваме системска дебугаризација е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста, порача во своето годишно обраќање Стево Пендаровски, шефот на македонската држава. Во делот на обраќањето посветен на односите со Бугарија и незјината блокада на нашата евроинтеграција Пендаровски беше дециден:
– Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид, потенцира тој.
Пендаровски додаде дека во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас.
-Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани. Се залагам за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник, рече претседателот на државата.
Тој додаде дека од неодамна во Бугарија има нова Влада и претседател со нов мандат кои испраќаат и поинаку интонирани пораки.
-Со дел од нив сум целосно согласен. Имено, акцентот во нашите односи да го пренесеме, од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред десет векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за Коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на Коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси, рече тој.