Само 3,2 проценти од вкупниот број на претпријатија во Република Македонија се во мнозинска сопственост на странски капитал, на една или повеќе земји, вели последната анализа на Државниот завод за статистика (ДЗС), која се однесува на 2019 година.
Тоа значи дека 1874 фирми од вкупниот број регистрирани 58 756, се странски филијали-домашни претпријатија, контролирани во најмалку 51 процент (од сопственоста) од страна на странци. Овие претпријатија ангажирале 20.1% од вкупно вработените, реализирале 39.2% од вкупниот промет, односно 34.3 % од вкупната бруто-додадена вредност во набљудуваниот опфат. Последново укажува дека иако процентот на присутност е мал, сепак нивното влијание врз домашната економија е значително.
-Најбројни се оние во секторот Трговија на големо и мало и поправка на моторни возила (31.5 %). Најголем дел од вработените, и тоа над 80 %, се ангажирани од секторите Преработувачка индустрија (57.5 %), Трговија на големо и мало (14.0 %) и Информации и комуникации (8.3 %). Најголем придонес на странските филијали во додадената вредност имал секторот Индустрија со 57.0 % (Преработувачката индустрија со 41.1 %, Вадење на руда и камен со 8.4 %, Енергија со 7.1 %), потоа Информации и комуникации со учество од 15.1 % и Трговијата на големо и мало и поправка на возила со 14.3 %, се вели во последната анализа на ДЗС, објавена вчера.
Странските филијали се контролирани односно менаџирани главно од европските земји, и тоа: Австрија (15.7 %), Холандија (15.3 %), Обединетото Кралство (10.1 %), Германија (8.9 %) и Унгарија(5.9 %).