Dark Mode Light Mode

Академик Коцарев и со нова книга повикува на спасување на Македонија од разнебитувањето

Ќе најдеме ли сили да ја спасиме Македонија од разнебитување? Ова е едно од суштинските прашања кое во свое ново дело насловено како „За македонските работи“ го поставува претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев. Книгата деновиве излезе од печат. На страниците на ова опсежно дело кое го објавува „Матица македонска“ застапени се есеи, обраќања, беседи и слова, во кои со критичка опсервација академикот ги анализира македонските состојби.

Книгата е составена од четири дела – „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“ ,„Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“. Во аналитичките и студиозни текстови, Коцарев ги поставува прашањата „Како/Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“. Објавените гледишта зборуваат како за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Македонија така и за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Македонија.

Во предговорот кон изданието, како што соопшти издавачот, авторот ја искажува и својата скепса за нашето битисување, констатирајќи: „По неброено изречените слова и понудените решенија, признавам не сум оптимист. Ќе најдеме ли сили да ја спасиме Македонија од разнебитување? За жал, во моментов, не можам да дадам позитивен одговор. Време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата“.

Реклама

Академикот Љупчо Коцарев е актуелен претседател на МАНУ, редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на светски виокорангираниот Универзитет Калифорнија (Беркли). Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка, во Европската Унија, во Германија, како и од индустријата. Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.

Инаку, во изминатиот период претседател на МАНУ во македонската јавност беше често присутен со свои ставови за актуелните општествени случувања. Со интервјуа, колумни и други видови на јавни настапи, тој е мошне критичен во однос на состојбите и промените кои се случуваат во македонското општество. Врзано со предложените реформи во образованието кои што ги заговараше актуелната Влада и МОН тој оцени дека „македонското образование системски, планирано и намерно се уништува со години“.

 -Појавата на квазинаучни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет. Сервилноста и желбата за владеење, политичкиот пазар, ароганцијата и алчноста, дополнета со незнаењето и неспособноста на политичарите, веќе неповратно доведоа до дно на дното, напиша Коцерев во една колумна во „Нова Македонија“.

Во однос на предложените промени во основното образование тој во интервју за Алфа телевизија рече дека „Единствена цел на реформите е да се избрише предметот историја“.

-Да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, рече Коцарев.

На неодамнешниот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“ Коцарев рече дека македонските политичари се слуги на интереси.

-Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме, истакна тој.

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Оправдани ли се цените на становите кои растат до небо?

Next Post

СДСМ: Арсовска да си ја совлада суетата и да ги продолжи проектите на Шилегов

Реклама