Повик до скопската градоначалничка Данела Арсовска да ги продолжи проектите коишто ги започнал нејзиниот претходни Петре Шилегов, упати денеска СДСМ. Реакцијата најмногу се однесува на проектите за изградба на мостот во општина Аеродром и системот за јавен превоз БРТ.
Оваа партија потенцира дека најавите на Арсовска за ретерирање во нејзините намери да стопира проекти во овие околности може да се толкуваат само како купување време и обид за прикривање на сопствената неспособност.
-Нема оправдување за таквото несериозно и неодговорно однесување на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска треба да си ја совлада суетата и ароганцијата и да ги продолжи проектите што ги започна Петре Шилегов, а кои обезбедуваат развој на Град Скопје. Мостовите се важни за градот, БРТ транспортот е важен за скопјани, се потенцира во партиското соопштение.
СДСМ потсетува дека граѓаните на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ им дадоа доверба и одговорност да ги решаваат проблемите, а не да поништуваат и стопираат капитални и важни проекти.