Со цел зголемување на безбедноста на граѓаните и регулирање на сообраќајот во овој дел, Општина Центар утринава постави заштитни столпчиња кај фурната „Силбо“.
Поставувањето на заштитните столпчиња доаѓа по многуте поплаки од жителите што пристигнуваат во Општината, а се однесуваат на турканиците и сообраќајниот хаос што се создава на оваа делница.
Поставени се вкупно 47 столпчиња на улицата „Костурски херои“, на потегот од раскрсницата со улицата „Радњанска“ до вклучувањето на булеварот „Партизански одреди“, односно пред фурната „Силбо“.
Со поставувањето на столпчињата веќе нема да може автомобилите да се паркираат на коловозот, ќе се нормализира движењето на улицата Костурски херои и ќе се намали метежот на овој потег.
Од Општината апелираат до граѓаните да се придржуваат до сообраќајните правила, да ги почитуваат законските одредби при возењето и да не ги оштетуваат поставените заштитни столпчиња.