Скопје не стана поубав град ниту по мандатот на градоначалникот Шилегов. Многу фалинки не беа поправени, а уште повеќе потреби на градот не беа направени. Шилегов се трудеше, ама…
А доказ дека се трудеше е и фактот дека три дена по поразот на локалните избори тој го потпишал договорот за новогодишно украсување на градот. Сигурно сакал барем малку да го нашминка. За шминкањето определил 243.000 евра од парите на скопјани.
Мораше ли и овој пат да се труди и тоа да се направи? Што било толку неопходно да се брза со потпишувањето на договорот?
Да, факт е дека тендерот за новогодишното украсување бил распишан во септември бидејќи тоа е потребно за да градот биде накитен рано пред празниците. Крајот на тендерските процедури, очигледно, се совпаднал со изборните дејствија во текот на кои градоначалник не можел да потпишува скапи договори. Но, нели потоа имаше нова ситуација? Тој изгуби на изборите, а и нели е енергетска криза па треба да се штеди и струја и пари? Што ако се воведува рестрикции во градот, а ваму светлечки украси мести? Зошто не остави евентуалниот договор да го потпише неговата наследничка?
Многу прашања…
Инаку, само до пред неколку дена од неговата партија изјавуваа дека ги разбрале пораките кои граѓаните им ги пратиле преку локалните избори. Односно, дека ќе водат сметка за своите постапки и рационално ќе ги трошат буџетските пари…