По извесното затишје, бројот на новозаразени со коронавирусот расте. Министерот за здравство Венко Филипче, по подолго време, денеска одржа онлајн прес-конференција на која рече дека трендот на раст на бројот на заразени според анализите е од пред две недели. Процентот на новозаразени е зголемен за 25 отсто, а она што е позагрижувачко е што расте и преносливоста, што според Филипче е јасен индикатор дека ќе има промени во досегашната стабилна состојба што владееше подолг период.
Како причина за растот исто така се и собирањата, но како што рече, сега во ваква широка распространетост на вирусот не може да е одреди извор или мини кластер.
Зголемен е и бројот на хоспитализирани за околу 15 отсто, односно во моментов на клиниките се лекуваат 518 пациенти со ковид, но според Филипче нема притисок врз болниците, а како причини за тоа го истакна тоа што поголем број од новозаразените се млади и се вакцинирани и се со полесна клиничка слика. Главниот притисок, како што рече, го прават невакцинираните.
За крајот на оваа или почетокот на следната недела е најавено секвенционирање за да се види за каква мутација на вирусот се работи.
Но и покрај ова Филипче вели дека засега не се размислува за воведување на евентуални нови рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19. Главен индикатор за тоа дали се неопходни нови рестрикции ќе биде притисокот врз болничките капацитети.
Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок во петок. На состанокот ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на ковид-состојбата во земјата, но Филипче лично смета дека нови рестриктивни мерки не се потребни. Вели дека клучно е да се зголеми процентот на вакцинација и да се почитуваат превентивните мерки – носењето на заштитни маски и одржувањето дистанца.
Филипче рече дека досегашните искуства покажале дека со нови рестрикции не може да се спречи ширењето на вирусот бидејќи е широко распространет. Вели дека засега не се размислува за задолжителна вакцинација, а за какви било други мерки, повтори дека еден од главните идикатори ќе биде оптеретеноста на болничкиот систем.