Комисијата за заразни болести го прифати барањето на Кризниот штаб на Тетово новата учебна година во средните училишта во Полошкиот регион да почне онлајн поради состојбата со пандемијата со Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Тетово со градоначалничката Теута Арифи, рече дека наставата во средните училишта на 1 септември ќе почне онлјан и така ќе се одвива две недели, а како ќе се одвива понатаму ќе зависи од развјот на состојбата.
Наставата во основните училишта, пак, на 1 септемри ќе почне со физичко присуство.
Тетовската градоначалничка Теута Арифи вчера на прес-конференција побара во тетовскиот регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Причината е високите бројки на заболени од ковид во Тетово, а барањето е испратено до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести.
– Ние како штаб за Тетово ќе ги контролираме дали имаат барем една доза вакцина вработените. Тие што не се вакцинирани во училишта ќе бидат обврзани секои 72 часа да донесат доказ за негативен тест и да продолжат да работат. Мислам дека мора да повикуваме на вакцинација и малку да наложиме. Ние како локални авторитети ќе го спроведеме, поради здравјето на сите. Свесни сме дека некој поради здравствени причини не може да прими вакцина, ама тоа може да се аргументира пред училиштето. Како што се прави тестирање за шетање, така и за школо ќе се прави, изјави вчера Арифи.