Потегот на Димитриевски го олеснува изборот на граѓаните. Тој што им врти грб на граѓаните, на поддржувачите на демократската и прогресивната опција, на членството и базата на СДСМ, не може да биде најдобра опција за кумановци, е реакцијата од СДСМ откако актуелниот градоначалник на Куманово од оваа партија Максим Димитриевски објави дека оди како независен кандидат.
Од владејачката партија во соопштението велат дека ќе ја дадат најдобрата понуда за граѓаните на Куманово на овие локални избори, а името на кандидатот и советничката листа ќе бидат објавени наскоро.
Димитриевски денеска објави дека почнал да собира потписи како независен кандидат за градоначалник на претстојните локални избори што уследи откако во неговата матична партија СДСМ се уште калкулираат и не го објавуваат името на кандидатот за Куманово. Најавата е нивниот избор да биде соопштен на крајот на месецот кога и официјално завршува собирањето на потписи за независна кандидатура.
Како што веќе објавивме, неофицијално, на Извршниот одбор на партијата, кој се одржа пред два дена, имало жестока расправија за предлог кандидатот за градоначалник на Куманово. Кандидати за градоначалници на СДСМ покрај Димитриевски, се и пратеникот Мартин Костовски, секретарот на СДСМ Куманово, Оливер Илиевски, претседателката на Советот Атина Мургашанска, директорката на Кумановската болница Снежана Захариева и поранешниот пратеник Љубиша Николиќ.