Никој не знае прецизно и јасно да објасни како најновите рестриктивни мерки ќе се применуваат од понеделник. Освен што децидно од Влада соопштија дека без сертификат не може да влезете во кафуле, но истовремено дека келнерите и готвачите во рестораните не мора да бидат вакцинирани, се друго останува нејасно:
-Кој ќе ги ангажира и плаќа редарите? Угостителите се противат на оваа мерка. Тие се едни од најзагрозените во време на пандемијата, па сериозен дел од нив беше принуден да стави клуч на врата и да отпушта вработени.
-Инспекторите од ДПИ не знаат точно која ќе биде нивната улога. Она што е дефинитивно дискутабилно е дали тие ќе мора да бидат вакцинирани за да влезат во угостителските објекти и да вршат увид дали гостите се вакцинирани? Никој не дава одговор ниту на ова.
-Од ДПИ велат ќе влегуваат во угостителски објекти каде ќе проценат дека треба: на основа на што, на пријава од некого или?
-Угостителски објекти како базени, хотели, игротеки појма немаат што тие треба да прават, дали мерката да не примаат невакцинирани важи и за нив?
Рестрикциите се донесоа месец и половина откако министерот за здравство Венко Филипче најави дека во август ќе прогласи крај на епидемијата во Македонија. Пред два дена Македонија „изби“ втора на европската листа по процентуален раст на смртноста за само една недела, а сме лидери по бројот на новозаразени според истиот параметар и на истата листа.