Вработените од централните институции на извршната власт може да добијат додаток на плата до максимум 30% од редовната плата. Но, дури по локалните избори.
За што се работи?
Од владината прес-служба објаснуваат дека додаток на плата може да добијат најмногу 30% од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние што имаат право на додаток на плата со посебен закон или колективен договор.
Големината на додатокот ќе зависи од тоа со колку пари располага институцијата.
Но, во јавноста почнаа да се слушаат критики дека ова е суптилен „поткуп“на администрацијата во песрет на локалните избори.
Од Владата велат дека до овој момент не е извршена никаква исплата со оглед на тоа што се распишани локалните избори и тие ќе ги добијат по завршувањето на локалните избори кога и ќе се финализира кои лица ќе добијат додаток на плата.
Додатокот на плата е утврден со владина уредба од 5 август, и според неа правото на додаток на плата до 30% од редовната плата може да го остварат вработените заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности.