Денеска на „Преспа форум дијалог“, се одржа пленарната сесија „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западниот Балкан“, на која се обратија високите претставници од регионот, Европа и САД.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски се осврна на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан.
-Без комбинацијата на нашите енергии, на нашите визии и на нашите проекти нема да можеме да успееме. Добро е да се организираат ваков вид на конференции, убаво е да се видат познати лица, видов неколку од нив кои беа доста активни во 2001 година. Во околности кои беа тешки за С. Македонија, морам да кажам – Време е за рестартирање, заклучи Пендаровски.
Претседателот на Словенија, Борут Пахор, зборуваше за проширувањето на ЕУ и потребата Западен Балкан да биде дел од европското семејство.
-Забрзаното проширување ќе го зајакне територијалниот интегритет и стабилност на регионот во целина. Одложувањето на членството на Западен Балкан во ЕУ е неразумно и не е добро за никој, рече Пахор.
Помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер, како еден од панелистите, се осврна на прогресот направен изминатите 20 години, од кога за првпат бил во Охрид.
-Мора да работиме заедно за да се спротивставиме на предизвиците кои ги имаме пред нас, истакна Рикер.
На панелот се обрати и еврокомесарот за буџет и поранешен еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој зборуваше за посветеноста кон демократијата, владеењето на правото и економскиот развој, како постулати кои ги поврзуваат САД и ЕУ.