Опција за бојкотирање на наставата, протести и покренување на интерпелација за министерката за образование Мила Царовска, најави вчера попладне Драгана Спасевска, неформален лидер на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“. Реакцијата доаѓа откако Владата од собраниската процедура времено го повлече прелдогот на законот за дигитални ученици и други промени со цел да се одржи јавна дебата со граѓани групи со цел да се дојде до конечното законско решение.
Во видео – обраќање на Спасевска кое вчера попладне беше објавено на Фејсбук-страницата на групата „Учебници и настава мора да има“ која обединува околу 80.000 граѓани се наведува дека тие ќе учествуваат на јавната дебата.
-Продолжува нашата борба да ги спречиме реформите кои не се во интерес на децата. Инсистираме на присуство на претставници и на стручни лица од нашата Иницијатива на таа јавна дебата со цел комплетно повлекување на законот, рече таа.
Спасевска најави поднесување на преставки до Уставен суд, до Народен правобранител со цел да се оспори уставноста но и да се утврди одговорноста на Царовска и на Владата.
-Ќе доставиме и барање до Собранието за покренување на постапка за интерпелација за министерката Мила Царовска. Во септември имаме и опција за бојкот на наставата и протести против овие реформи на МОН и на министерката, нагласи Спасевска.