Готово, мандатите на градоначалниците се при крај. Некој ќе мора да се дели од милата градоначалничка фотелјата. Или можеби ќе бидат пак кандидати за нов мандат?
Желби да си добијат уште еден четири годишен мандат во овој период почнаа јавно да си соопштуваат скопските градоначалници. Некои се директни, а некои, сепак, оставаат за тоа да реши партијата која што ги кандидирала. Оние кои веќе ги објавиле желбите сметаат дека новиот мандат им е потребен за да ги ги завршат започнатите проекти коишто им ги ветиле на граѓаните пред четири години. Прв таква најава во декември минатата година ја даде скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
-Промените кои се случуваа во нашиот град се сериозно видливи во сите урбани полиња. Мислам дека сето тоа ми дава за право да побарам од СДСМ да ја поддржи мојата кандидатура за наредните локални избори за повторен избор за градоначалник на Скопје, рече тогаш Шилегов.
Ваква најава два месеци потоа да дадоа и градоначалниците на Центар и на Кисела Вода Саша Богдановиќ и Филип Темелковски.
-Секако дека имам амбиција за уште еден мандат и дека се надевам на поддршка и од партијата и од граѓаните. Но сѐ уште е рано да се разговара за кандидатурите, сега сум фокусиран на реализација на мојата програма, изјави во февруари Темелковски.
Првиот човек на Центар Саша Богдановиќ тогаш рече дека сака уште еден мандат за да ги заврши започнатите проекти.
-Имам желба и амбиција за втор мандат. Пред се за завршување на проектите, исполнување на се она што е ветено, рече Богдановиќ во настапот на една телевизија во февруари годинава.
Завршувањето на започнатите проекти како мотив за уште еден четиригодишен мандат деновиве го наведе и градоначалник на Аеродром Златко Марин.
– За да можам да ги реализирам проектите кои се отпочнати, ќе побарам доверба од граѓаните за уште еден мандат, но пред тоа за моето евентуално кандидирање на локалните избори, ќе одлучи мојата политичка партија. Сепак, проектите кои се веќе започнати, секако ќе бидат завршени, но убаво би било ако јас сум ги започнал, јас и да ги завршам, рече Марин.
И градоначалник на Чаир Висар Ганиу деновиве рече дека планира да се кандидира.
–И на почетокот пред да бидам избран, имам кажано дека моја цел е да бидам градоначалник два мандата, ако ме послужи здравјето и ако народот ме избере. Волја имам да се кандидирам за втор мандат, но тоа не значи дека јас одлучувам. За тоа ќе одлучат органите и лидерот на партијата врз база на анализи и на сите информации што ќе ги апсорбираат, рече Ганиу.
Наскоро и останатите скопски градоначалници ќе си ги кажат желбите. Засега е сигурно дека дел од нив се решени да ги завршат во нов мандат проектите од кои повеќето требало да бидат завршени до сега…