Туристичко-угостителскиот сектор од утре напладне почнува со протести пред Министерството за финансии кои ќе траат се до исполнување на нивните барања.
Во протестот вклучени се околу 6.000 правни субјекти од овој сектор, а поддршка имаат и од игротеките, асоцијацијата на туристичките водичи и многу други.
Како причина ги наведуваат исклучително тешка состојба и за негов спас потребна е сериозна и континуирана помош, која досега не ја добиле, односно мерките не се навремени и не се соодветно креирани пакетите.
Туристичко-угостителскиот сектор бара: еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти, еднократна финансиска помош за угостителските објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.
Туристичките агенции, пак, бараат еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот за важење на нереализираните ваучери за патување до декември 2022 година и ваучерите од проектот „Дома си е дома“ да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции.
Од Владата најавија дека се работи на шести пакет мерки со кој ќе бидат опфатени секторите што неработат за време на овој 14-дневен период кога на сила се рестриктивните мерки.