Двајца од осомничените во случајот со екс-генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за набавката на софтверот, добија мерки на претпазливост на барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Судија на претходна постапка им определи: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, одземање на пасошите и други патни исправи и забрана за издавање на нови, како и забрана за преземање работни обврски поврзани со кривичното дело.
Одлуката следува откако денеска двајцата биле повикани во судот за да се произнесат за предлогот за мерките што ги даде обвинителството.
Тие заедно со Рашковски и сопственикот и управител на „Инвока гроуп“, Даниел Станчев, се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Рашковски и Станчев во петокот беа изведени пред судија на претходна постапка и за нив обвинителството бараше ефективен притвор поради опасност од бегство и влијание на сведоци, но судот им ја изрече поблагата мерка – куќен притвор. Образложението на судот беше дека обвинителството не доставило доволно докази за имотната состојба и за начинот како тие би влијаеле на истрагата. Од друга страна, пак, обвинителката Ивана Трајчева смета дека има доволно докази и најави дека ќе поднесе жалба и ќе бара ефективен наместо куќен притвор. За жалбата, треба да се изјасни Кривичниот совет во судот.
Истрагата опфаќа три тендери, сите поврзани со софтверот. Според обвинителството, Рашковски со еден од останатите осомничени ја договорил набавката на софтверот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки да се изготви техничката документација за јавната набавка.
Покрај овој тендер, според обвинителството, летото 2019 Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот. Така, за овие два тендери биле склучени договори во износ од 23.000 евра и речиси 75.000 евра.
Така, вкупната сума со која според обвинителството се стекнале фирмите кои ги добиле тендерите, а на штета на државниот буџет е речиси 180.000 евра.