После неколку скандали, поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски изутринава си поднесе неотповиклива оставка. Содржината на писмениот документ со кој го известува премиерот Зоран Заев самиот ја објави на Фејсбук. Инаку оставката е со датум од пред 2 дена, на 12 април.
-Повлекувањето е поврзано со зачувување на достоинството и интегритетот. За некој на кого во светски рамки има добиено 11 златни и 32 сребрени медали за своите иновации е деградирање на интелектуалниот капацитет споредбите кои се прават од страна на одредена јавност. Останува на времето да покаже која е вистинската причина за тоа, пишува во оставката.
Неговото име во последниот период е поврзано со бројни скандали, тендери, непријавен имот, злоупотреби на службена должност. Последно, вчера медиумите објавија дека неговото семејство гради куќа од 800 метри квадратни во Побожје, а ден-два претходно дека вози „Волво“ во вредност од 74000 евра кое не го пријавил. Обвинителството за него води истрага за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, а антикоруоциска комисија уште го работи предметот „Леонардо“ за набавка на опрема во МНАВ.
Првичните коментари на јавноста од изутрината на социјалните мрежи се дека ваквиот чин на одговорност е задоцнет:
-Одамна требаше да го направи ова, а не после толку многу скандали, коментираат граѓаните.