Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), покажува дека минатата недела (од 5 до 11 април) биле регистрирани 6.867 нови случаи со ковид-19. Тоа претставува намалување од 13,4 проценти во однос на една недела претходно кога имаше 7.933 новозаразени.
Но затоа, кога се во прашање смртните случаи, се бележи зголемување. За една недела имало 276 починати граѓани што е за 6,2 отсто повеќе со една недела претходно кога починале 260 пациенти.
Новите случаи минатата седмица биле детектирани од 27.329 направени тестирања што значи дека процентот на позитивни во просек изнесува 24,3 проценти.
Новите случаи биле регистрирани во 35 градови, а највисока неделна инциденца имало во Кавадарци.
Заболените биле од сите возрасни групи, а најзастапени биле граѓаните над 60 години (30,7 проценти). Голем број на заболени се регистрира и во возрасните групи од: 50-59 години (18,1 отсто), 40-49 години (17,5 проценти), 30-39 години (17,1 отсто) и од 20-29 години (10,4 проценти). Најмалку од новозаразени се кај децата од 0-9 години (1,6 отсто) и кај деца и тинејџери од 10-19 години (4,6 проценти).
Бројот на излекувани од 5 до 11 април изнесува 6.112 лица што е за 25,7 проценти повеќе од неделата претходно кога имало 4.861.