Полицискиот час од утре па во следните 14 дена ќе почнува од 20 часот и ќе трае до 5 часот наутро, се забранува работата на сите угостителски објекти, освен за онлајн и телефонски нарачки, обложувачниците ќе работат само преку штанд и пулт, а во рестораните во хотелите мотелите, хостелите и другите сместувачки капацитети ќе можат да доаѓаат само оние што се сместени таму, нема да работат ниту фитнес-центрите и спортските сали, се забрануваат семинари, обуки и конференции, а оние што имаат домашни миленичиња ќе можат да ги изнесат надвор еден час, од 22 до 23 часот, и тоа најмногу 100 метри од местото на живеење.
Мерките за угостителските објекти, фитнес-центрите, спортските сали и обложувачниците ќе стапат во сила в среда, 7 април, и ќе траат до 20 април.
Исклучок остануваат угостителските објекти во двата аеродроми.
Лицата што во периодот на полицискиот час ќе бидат на вакцинација ќе можат да се врата до дома, а дозвола за движење ќе им биде потврдата за имунизација, додека земјоделците што се движат од ниви до пазарите и обратно ќе имаат дозволи како и претходно.
Од другите мерки, останува и строгата забрана за групирање на повеќе од четири лица.
Овие мерки ги усвои Владата на денешната седница по препорака на здравствените власти, поради замавот кој го зема британскиот сој на вирусот – пораст на бројот на заразени, на починати, и на притисокот врз болниците, каков што досега немало кај нас од почетокот на пандемијата пред една година.